Пребарување
Ресторан 20.05.2026

Што прво забележуваат угостителите кога ќе влезете во ресторан? Не ве судат според изгледот, но не го поднесуваат ОВА однесување

Marija Lukarevska

Ги прашавме искусните ресторански келнери што најчесто забележуваат кај гостите додека вечераат и зошто тоа им е важно за работата

Кога ќе влезете во ресторан, веројатно најпрво забележувате колку се љубезни домаќините и келнерите, каква е атмосферата, што има на менито и какви луѓе вечераат таму. Но не сте единствените што ја набљудуваат околината. И ресторанските келнери ве проценуваат – и уште од првиот момент се обидуваат да сфатат каков гостин ќе бидете.

„Работата како келнер те учи да го читаш однесувањето на луѓето, особено кога станува збор за бакшишот“, изјавила Кели Енис за HuffPost, која работела како келнерка околу 15 години.

„Кога ќе им пријдеш на маса, веднаш можеш да почувствуваш дали гостите се нерасположени, дали брзаат… Сè е во разбирањето на говорот на телото и во брзото создавање контакт.“

Ги прашавме искусните ресторански келнери што најчесто забележуваат кај гостите додека вечераат и зошто тоа им е важно за работата.

Го следат вашиот првичен однос кон нив

Кога келнерот првпат ќе дојде до масата, дали го гледате намуртено со скрстени раце додека читате мени? Дали прекинувате со тоа што го правите за да го сослушате?

„Имало луѓе што ќе влезат… и едвај ќе те забележат, а веќе следниот момент нема ни да се сеќаваат како изгледаш“, раскажува Чак Андерсон, кој работел како келнер околу 20 години.

Тој вели дека дури и едноставни работи, како на пример, да го викнете келнерот по име или да кажете „те молам“ и „благодарам“, прават огромна разлика.

„За мене, најголем показател дека некој ќе биде пријателски настроен – или барем љубезен – е контактот со очи“, вели Дарон Кардоса, поранешен келнер со 25 години искуство и автор на блогот The Bitchy Waiter.

Според него, гостите често не сфаќаат колку ваквите мали гестови можат да го подобрат односот со келнерот.

Многу открива и динамиката на масата

Кога ќе седнете, келнерите веднаш забележуваат со кого сте дошле, објаснува Сајмон К., кој има околу шест години искуство во услужување.

„Дали се двајца пријатели? Дали е состанок? Таквите работи ги дознаваш едноставно преку разговор со гостите“, вели тој.

Ако на масата има деца, Сајмон се обидува да процени колку се воспитани.

„Се обидуваш да процениш дали детето ќе седи мирно, ќе трча низ ресторанот или колку неред ќе остави под масата.“

Ваквите детали им помагаат на келнерите да проценат колку внимание ќе бара секоја маса, како да ги организираат нарачките, колку време ќе треба за расчистување и колкава би можела да биде сметката.

Уште една важна работа е начинот на кој се однесувате кон луѓето со кои сте на маса.

„Ако некој се однесува со презир кон сопружникот, партнерот или децата, тогаш нема многу надеж дека подобро ќе се однесува кон тебе“, вели Кардоса.

Го забележуваат и начинот на кој нарачувате

Барањето замена на состојки или делењето на сметката најчесто не е проблем. Но таквите барања треба да бидат разумни, објаснува Кардоса.

На пример, не можете да очекувате евтина состојка да ја замените со многу поскапа без доплата.

„Не можете само да кажете: ‘Не сакам домати, може ли наместо нив ракчиња?’“, вели тој. „Тоа дефинитивно се доплаќа.“

А кога станува збор за делење на сметката, ситуацијата знае да стане навистина хаотична.

„Ако некој сака шишето вино да се подели на три дела, предјадењето на два, а главните јадења на четири сметки – тоа навистина може да биде збунувачки“, додава Сајмон.

Претераните и комплицирани барања често оставаат впечаток дека гостите се однесуваат како да имаат право на сè или дека не ја ценат работата на келнерот.

Веднаш забележуваат кога лошо си го организирате времето

„Постои онаа изрека: ‘Твоето лошо управување со времето не е мој проблем.’ Така се чувствувам кога луѓето доаѓаат во брзање“, вели Кардоса.

Додека работел на Тајмс Сквер, често имал гости што доаѓале и велеле дека брзаат на претстава.

„Знаевте дека претставата почнува во 8 часот. Не е моја одговорност вашата храна да има предност пред другите само затоа што е 7:15, а вие дури сега сте стигнале“, објаснува тој.

Друг чест пример е кога гости влегуваат неколку минути пред затворање, иако знаат дека ресторанот наскоро затвора.

„Последното нешто што го сакате е маса што во последен момент ќе нарача три јадења, а потоа ќе седи уште два часа“, вели Сајмон. „Работата во ресторан е навистина исцрпувачка и вработените едвај чекаат да си одат дома.“

Но не можат да ве проценат според изгледот

Без разлика дали гостите се облечени во елегантен костум или носат маица и шорцеви, келнерите велат дека никогаш не можете однапред да знаете како ќе се однесуваат, колку ќе потрошат или колкав бакшиш ќе остават.

Енис се сеќава на еден редовен гостин што изгледал како бездомник, а всушност бил еден од најдобрите потрошувачи.

„Научив никогаш да не судиш книга според корицата“, вели таа. „Можеби токму таа книга ќе биде најдобрата што си ја прочитал.“

Но, најважното нешто што келнерите го забележуваат е дали се однесувате со почит.

Ако постојано го игнорирате келнерот кога поминува покрај масата или му пуцкате со прсти за побрзо да ви донесе храна и пијалак, постои голема веројатност дека ќе се почувствува омаловажено.

„Секогаш сме размислувале вака: ‘Јас сум келнер, не твој слуга’“, вели Андерсон. „Мислам дека гостите треба да запомнат дека многу луѓе живеат од оваа работа. А кога ќе покажете малку разбирање и почит кон оние што ве услужуваат, и вашето искуство во ресторанот ќе биде многу подобро.“

ФОТО: Kate Townsend / Unsplash