Пребарување
Храна 22.10.2026

Киселата зелка ви станува мека и кашеста? Овие грешки можат да го уништат целото буре

Dimitar Babalkov

Премалку сол, несоодветна температура и зелка што не е целосно потопена во саламурата се меѓу најчестите причини поради кои наместо крцкава зимница добивате разочарување.

По неколку недели чекање, никој не сака да отвори буре и да открие дека киселата зелка е мека и кашеста. Причината не мора да биде лошиот квалитет на зелката, туку грешките во текот на ферментацијата. Стручните служби при универзитетите во Вермонт, Орегон и Пенсилванија посочуваат дека за добар резултат особено се важни количината на сол, температурата и правилното редење на зелката. Солта помага да се извлече водата од листовите и да се создаде саламура во која се развиваат посакуваните млечнокиселински бактерии. Препорачаната количина е од 15 до 25 грама сол на килограм зелка, односно 1,5 до 2,5 проценти од нејзината тежина. Најдобро е солта да се мери со вага, бидејќи различните видови немаат иста густина.

И премалото и преголемото количество сол може да направат проблем. Недоволната количина овозможува развој на несакани микроорганизми, додека премногу сол ја забавува ферментацијата и може да придонесе за појава на површински квасци и промена на бојата. Според стручните препораки, концентрација под 1,7 проценти може да биде поврзана со омекнување, а над 2,25 проценти со појава на квасци. Важна е и температурата: на 21–24 степени Целзиусови зелката може да биде готова за три до четири недели, додека на 16–18 степени процесот може да трае до шест недели. Под 15 степени ферментацијата може да не се одвива правилно, а над 27 степени се зголемува ризикот зелката да омекне и да се расипе.

Друга честа грешка е зелката да не биде доволно цврсто наредена, со што меѓу листовите останува воздух. Во текот на ферментацијата таа мора постојано да биде целосно потопена во саламурата, за да се намали можноста за развој на мувла. За таа цел може да се притисне со чиста чинија и соодветен товар, а садот да се покрие со чиста крпа или газа. Ако се користат тегли наполнети со вода како товар, зелката треба да се проверува два до три пати неделно. Не е сеедно ниту во каков сад се кисели: се препорачуваат стаклени садови и пластика наменета за контакт со храна, додека бакарните, железните и поцинкуваните метални садови треба да се избегнуваат.

За најдобар резултат, избирајте здрави, цврсти и слатки главици од доцни сорти зелка, бидејќи раните сорти имаат помалку шеќер и може послабо да ферментираат. Правилно подготвената кисела зелка треба да биде цврста и пријатно киселкаста, без знаци на мувла или квасци, а саламурата не треба да биде матна. Ако зелката стане лигавa, се појави мувла или се почувствува непријатен мирис, не ја пробувајте. Стручните служби советуваат зелката што скапала или ја зафатила мувла да се фрли. Правилно ферментираната зелка, пак, може да се чува неколку месеци во добро затворен сад во фрижидер.

pexel