Пребарување
Кафе Бар 06.10.2026

Кафе под превртен град: ова кафуле во Виетнам изгледа како да е наопаку

Dimitar Babalkov

Замислете да седите на кафе, а над вас да виси цел град – со згради, улици и дури часовник поставен наопаку. Токму тоа го нуди Apollo Cafe на островот Фу Квок, каде што архитектурата стана главната причина туристите да го посетат кафулето.

Во срцето на Sunset Town на Фу Квок, Виетнам, се наоѓа Apollo Cafe – простор дизајниран од познатиот архитект Бил Бенсли. Наместо класичен ентериер, дизајнерот направил нешто што веднаш го привлекува вниманието: делови од околниот град се пресоздадени на таванот, создавајќи впечаток дека целата населба виси над главите на гостите. Концептот е наречен „Upside-Down Sunset Town“.

Кога ентериерот станува причина за посета

Кафулето не се потпира само на необичниот изглед. Гостите можат да нарачаат кафе во комбинации со тропско овошје и билки, како и француски печива и десерти. Има и посебни, затворени места за седење, дизајнирани како мали „кокони“, за оние кои сакаат помирно искуство.

Но вистинскиот ефект доаѓа со промената на денот. Попладне, кафулето нуди поглед кон зајдисонцето над Sunset Town, додека по стемнување од одредени места може да се гледаат огнометите од вечерните спектакли „Kiss of the Sea“ и „Symphony of the Sea“. Така едно кафе лесно може да се претвори во неколкучасовно туристичко искуство.

Овој концепт покажува и нешто пошироко што се случува во кафе-секторот: гостите сè почесто не бараат само добро кафе, туку место кое има приказна и кое вреди да се посети само по себе. Според OpenTable Dining Trends 2026, 58% од анкетираните Американци велат дека изгледот на местото на Instagram или TikTok им е важен при изборот каде да јадат или пијат, а 54% би платиле повеќе за искуство со препознатлива атмосфера.

Apollo Cafe е токму таков пример: кафулето не е само станица за кафе во текот на денот, туку дел од туристичката маршрута. Гостите доаѓаат поради необичниот простор, остануваат поради пијалакот и погледот, а навечер добиваат уште една причина да не си заминат – огнометот.

И можеби токму тука лежи иднината на „destination café“ концептот: кафулето повеќе не мора да биде само место каде што ќе испиеме добро кафе. Може да биде архитектура, фотографија, поглед, зајдисонце и вечерно шоу – сè во една чаша кафе.

Фото: Screenshot en.vietnamplus.vn