Пребарување
Храна 07.10.2026

Веројатно ја јадете пицата погрешно – според двајца светски шампиони во правење пица!

Marija Lukarevska

Не е важно само што има врз неа – важно е и како ја држите, дали треба да ја свиткате и што се случува со тестото во првите неколку секунди.

Пицата можеби изгледа како едно од наједноставните јадења на светот: земате парче, го кревате и јадете. Но, ако ги прашате луѓето кои професионално се занимаваат со неа, работите се малку покомплицирани. Според светските шампиони во правење пица Тони Џеминјани и Џон Арена, постои речиси цела мала наука околу начинот на кој треба да се јаде едно совршено парче.

Ако сакате навистина да ја почувствувате пицата, не брзајте веднаш со првиот залак. Еве на што треба да обрнете внимание.

1. Прво погледнете ја одоздола

Да, добро прочитавте. Пред да ја ставите пицата во уста, кренете го парчето и погледнете ја долната страна на тестото. Дали е убаво испечена и крцкава? Има ли златно-кафеава боја или е премногу бледа? Можеби е, пак, претерано загорена? Важно е и колку брашно останало на дното. Премногу брашно може да остави горчлив вкус, а според Џеминјани, тоа може да биде знак дека печката не е доволно добро исчистена или дека при подготовката било употребено повеќе брашно од потребното.

2. Проверете ја кората

Следна на тест е кората – или cornicione, како што ја нарекуваат Италијанците. Добрата кора треба да биде истовремено лесно крцкава и воздушеста, со доволно шуплини во тестото. Но, тука нема едно правило за сите видови пица. Кај неаполската пица, на пример, се очекуваат карактеристичните темни, малку загорени меурчиња на кората, додека римската пица има потенка, покрцкава кора. А кај детроитската пица работите се сосема поинакви – наместо класичен раб, има крцкав слој карамелизиран кашкавал.

3. Да ја свиткате или не?

Еве го моментот околу кој најверојатно ќе се поделат љубителите на пица. Одговорот е: зависи од пицата. Неаполската пица има меко и нежно дно, а во комбинација со топлата моцарела и сосот може да биде прилично „флуидна“. Затоа, обидот да ја кренете и свиткате како њујоршко парче може да заврши со сос и сирење на чинијата, наместо во устата.

Кај покрцкавите американски стилови, пак, свиткувањето е сосема нормално. Идеалното парче треба да биде доволно цврсто за да не се распадне, но да има одредена флексибилност. Кај помалите пици, од околу 30 до 35 сантиметри, според експертите, парчето воопшто не би требало да се „превиткува“ под тежината на филот.

4. Дури сега – првиот залак

Откако сте ја разгледале долната страна, сте ја провериле кората и сте одлучиле дали пицата заслужува да биде свиткана, конечно можете да јадете.

Но и тука има една мала финта: не се работи само за тоа дали има многу кашкавал или дали сосот е вкусен. Добрата пица треба да има баланс на вкусовите – состојките да се чувствуваат поединечно, но истовремено да функционираат заедно.

Идеалното парче не треба да има само еден доминантен вкус од почеток до крај. Секој залак треба малку да го продолжува претходниот – крцкаво тесто, сос, сирење, додатоци, па повторно тесто. Најдоброто парче, велат пица-мајсторите, на некој начин има свој почеток, средина и крај.

Значи, следниот пат кога ќе нарачате пица, не брзајте веднаш да ја изедете. Прво погледнете ја одоздола, проверете ја кората, проценете дали е за виткање – а потоа уживајте. На крајот на краиштата, ако веќе јадеме пица, зошто да не ја јадеме како професионалци?

ФОТО: Pexels